Како на небото – така и на земјата
Го потегнав најтенкото, вжарено гранче
што шири топлина и во најтемното одајче
од оваа зима со бели распупени снегулки –
како на небото – така и на земјата.
Гранчето ја потегна гранката со плодовите
во времето во кое постоиме недозреани
ни за смртта, ни за уште едно раѓање –
како на небото – така и на земјата.
Гранката со сето време го потегна коренот,
коренот ја повлече земјата, а јас ја замолив
да ми ги прости и врати сите непостојани јас
во само еден миг од еден прекрасен ден –
како на небото – така и на земјата.
Најтенкото гранче со нераспупено сонце
го потегнав леко за да не ми застане умот
од небиднината и посакав да има иднина –
како на небото – така и на земјата…
