КУЌЕН СНЕГ
Тоа беше миг во кој тишината
одеднаш
сите звуци во себе ги прибра
и со нив се договори
да патува
од збор до збор
како од снегулка до снегулка.
Тоа беше миг во кој снегулки крупни
одеднаш лебдеа во ноќта
и со двете дланки мои се договорија
да застанат пред замислената квака.
Тоа беше мигот,
кога чекорев во напуштената ни куќа
во која ластовичките
ги свиваа меридијаните во гнезда,
а јас сонував дека живеам во две куќи –
оваа
и онаа од која доаѓаа и заминуваа.
Тоа беше мигот,
кога излегов од куќата наврнат од снег
во тишината
што патуваше
од збор
до збор
како
од
снегулка до снегулка…
