Борче Панов: Годишно време на затворените очи

1509747_1564301010491680_4442421849392588636_n

Годишно време на затворените очи

утрото е меморија од еден миг
како годишно време на затворените очи

Господ се врти околу својата замислена оска,
а ние го гледаме

со семето на сонцето што ги повикува своите ветришта
светот е разгорена опомена на убавината,
светот е пеколен камшик што пука на врвот,
светот е жарче од љубов во очите на децата –
мали детски скелети облечени само со кожа,
светот е оружје што ги убива предците во нас
светот е крвна линија што мигрира од меридијаните
избезумени од  ламтежот на кучињата на војните,
светот е стрела што патува ноќе, а не` погодува дење

денот е меморија од ноќта –
сон што станува крв и плот на сите наши стравувања

Господ се врти како сина планета
и само со неколку клика е поглед од автобус
и татко со бебенце во ранецот во колоната бегалци
и народ во отворени вагони за јаглен

светот е совест поразена на распетието,
светот е камп за бегалци и бегство од разумот
светот е милост со која се замислуваме за иднината –
вреди ли  да бидеш бомба на самиот себеси
и со својата смрт да убиваш во името на Господ

Господе, те молам не биди причина да се убиваме,
одземи ни ја силата со која те измамивме,
зашто се` уште не` ја сфативме твојата саможртва
и поткрепи не` со  уште едно будење од вечноста

ноќта е меморија на денот
и еден поглед кон вечно будните ѕвезди
што ги поврзуваме со нашите соништа…